gore

Филмот не е мртов!

22-01-2018By Vladimir Ristevski

Филмот не е мртов!

Многумина веруваат дека фотографирањето на филм е застарена работа. Отсекогаш се прашував колку комплексно или колку лесно би било да се фотографира на филм, бидејќи во споредба со дигиталната фотографија, резултатот не е инстантно видлив и потребно е многу искуство да се предвиди. Уште една причина поради која што одлучив да фотографирам на филм е фактот дека имам на располагање само 36 пози, што на некој начин те присилува да размислуваш повеќе пред да го притиснеш копчето.

За да дојдете до готова фотографија потребни ви се неколку нешта:

Аналоген фото апарат. Иако има нови, сепак поисплатлива варијанта ви е да купите половен како што направив јас.

Филм. Препорачувам црно-бел филм за рачно развивање. Постојат неколку локации во Скопје каде што може да го набавите.

Развивач. Основната хемикалија во која се развива филмот, а истата можете да ја купите во подобро опремените продавници за фото опрема. Побарајте во ТЦ Скопјанка.

Канестер или Доза за развивање на филмот. Сад на кој се намотува филмот и во кој се истураат сите хемикалии со цел да се развие филмот (овој процес мора да биде спроведен во темна просторија).

Фиксир. Откако ќе го развиете филмот морате некако да го фиксирате, а процесот обично трае не повеќе од 5 минути.

Темна просторија. Со цел да го сместите филмот во канестерот за развивање (т.н. Доза)  потребна ви е темна просторија, а кога велам темна, значи целосно темна - не смее да има никаков светлосен извор (тоалет без прозорец е идеално за развивање во домашни услови).

Апликација. Штом ќе го сместите филмот во канестерот процесот е премногу лесен - потребно е само да ги измешате хемикалиите. Соодносот е предодреден (јас лично користам апликација за Андроид која точно кажува колку милилитри од што треба да измешате). Треба само да го одберете филмот како и брендот/карактеристиките на развивачот и оттаму апликацијата ве води низ целиот процес; опфатени се сите детали, од колку време треба да го мешате канестерот, па се до колку време треба да го миете филмот.

https://play.google.com/store/apps/details?id=com.digitaltruth.mdc&hl=en

Скенирање. Откако ќе го развиете и исушите филмот наредно нешто е да го дигитализирате. Ова се прави со скенер за негативи, но може да употребите било каков скенер.

Сите хемикалии, како и филмот можете да ги набавите од едно фото студио што се наоѓа во ТЦ Скопјанка. Црно-бели филмови исто така можете да набавите и во фото студиото што се наоѓа во Веро тафталиџе.

Од 36 пози успеав да добијам повеќе од половина одлични фотографии; сметам дека ова е нешто кое со дигиталната фотографија не се случува. Претпоставувам дека за 10 добри фотографии ќе требаше да направам 100 експонирања. Дали повторно би работел на филм? Се разбира, едвај чекам. :)

Развивање на фотографии. Овој процес е малку покомплексен ќе ви биде потребно:
1. Темна комора или Darkroom
2. Копир или зголемувач (тоа е апаратот кој го проектира негативот на хартијата)
3. Фотосензитивна хартија
4. Развивач
5. Фиксир
6. Часовник

Процесот е следниов, најпрвин проектирате негатив на фотосензитивната хартија. Потоа тоа оди во развивач, па се мие, па во фиксир и потоа се мие и на крај се суши, но не сакам да навлегувам во премногу детаљи, туку повеќе би сакал да споделам лично искуство.
Темната комора е комплексен процес, бара доста вежбање, како и доста трпение, а и време и средства (бидејки фотосензитивната хартија е поскапа, сметајте дека ќе имате доста неуспешни обиди додека го најдете вистинското време за експонирање). Сепак, на крај, убеден сум ќе заклучите дека навистина вреди.

Подолу можете да ја погледнете целата галерија од мојата прва фото сесија на филм:

Текст и фото: Алекс Јакимовски. Следете го Алекс на социјалните мрежи:

http://instagram.com/alexyakimovski

https://www.facebook.com/alexyakimovskiphotography/

http://500px.com/alexyakimovski

http://flickr.com/photos/alexyakimovski/

RELATED ARTICLES IN