gore

Пиксел водич за ефективна работа од дома

06-05-2020By Filip Efinski

Пиксел водич за ефективна работа од дома

Добредојдовте! Ова е водичот за преживување кој е наменет за сите вас (и нас) кои се фокусираат на работа од дома во текот на оваа вонредна ситуација.

Да започнеме со утринските ритуали.
Секој почеток е полесен откако ќе се внесе првата доза на кафе. Единствената работа која е различна од претходно е тоа што немаме повеќе потреба ниту да се подготвуваме за работа, ниту да патуваме до нашето работно место.

Треба само да си облечеме некои удобни алишта кои што вообичаено ги носиме по дома (тренерки, кхм – пижами), а потоа да се „угнездиме“ пред екранот од нашиот компјутер за да почнеме со работа.

Девојка која работи од дома на лаптоп и пие кафе
Извор: pexels.com

Имајте на ум дека во овие необични времиња мораме да му ставиме приоритет на нашето здравје пред се’ друго.

Земајќи ја предвид ситуацијата поврзана со КОВИД-19 пандемијата, приморани сме, но исто така имаме и морална одговорност да #СедимеДома и да ги следиме препораките, како и да бидеме во тек со најновите информации.

Тука се секако вклучени и секојдневните практики во врска со хигиената: често миење на нашите раце; избегнување на допирање на нашите очи, нос и уста; практикување на респираторна хигиена; практикување на социјално дистанцирање и слично.

На веб страницата на Светската Здравствена Организација можете да ги најдете сите совети за подобро справување со КОВИД-19.

А сега, штом го расчистивме тоа, ајде да преминеме на наредниот дел – работа од дома.

Завршување на задачите

Секако дека постојат предности и слабости кај работата од дома. Прашањето е: Како да бидеш продуктивен и да ги завршиш сите (или повеќето) задачи?

Прво, мораш да и’ укажеш доволно почит на работата, и на индивидуално, но и на тимско ниво. Пробај да се подобриш себеси како личност која работи од дома и пробај да изградиш тимска култура (иако си дома).

Во ова сме заедно (освен оние кои решаваат да не’ „шитнат“, за потоа да си отидат и да си гледаат Нетфликс наместо да земат да работат нешто). Тимот мора да развие свест за тоа дека сите играат според истите правила, но и за тоа дека секој член од тимот си има свои ритуали.

Ова всушност значи дека секој член од тимот е синхронизиран со другите (како запчаници во машина).

Правила за работа од дома со помош на Трело
Извор: trello.com

Второ, мора да развиеш флексибилен распоред. Ако не стануваш секој ден на време и ако не ги завршуваш навремено зададените задачи, ќе се „зезнеш“ и ќе ти се сруши се’.

Јас на пример морам да наместам 3 аларми за да успеам да станам на време, но сепак тоа е начинот преку кој сум се адаптирал. Исто така, се обидувам секоја вечер да отспијам барем 7 часа.

Трето, мораш да имаш фокус. За јас да го постигнам тоа, пијам кафе и тоа функционира за мене. Исто така, секогаш кога работам си слушам некоја позадинска инструментална музика која не ми го одвлекува вниманието.

Поентата ми е, дека доколку немаш фокус, тогаш нема да можеш да ги следиш насоките од твојот тим или потребите на твоите клиенти. Ова ме води до следниот заклучок:

Комуникацијата е клучна.

Среќни сме што живееме во време во кое технологијата ни е на располагање. Ја имаме можноста да користиме Skype / Zoom / Microsoft Teams како средство за комуникација. Позитивната страна на ова е тоа што наместо да се „куцкаме“ со 159318651 „ждрилиони“ пораки во групниот „чет“, заштедуваме значително повеќе време со тоа што имаме видео повик со тимот, клиентот и слично. 

Ја имаме таа можност да комуницираме преку софтвери како Skype и секој да учествува во процесот на донесување на одлуки. Исто така, редовно ги известуваме нашите надредени за да бидат во тек со тоа „до кај сме-што сме“.

Она што исто така помага, особено во делот со координација, е тоа што користиме Trello за делегирање на задачи до сите департмани.

И за крај (на делов, не на статијава).. Завршните рокови и одговорноста која ја имаш се мотиватори за твојата продуктивност. Ова се оние работи кои те прават посвесен и поагилен.

Знаеш дека немаш простор за грешки затоа што клиентите сметаат на тебе (особено за време на моменталната светска криза), но и затоа што не сакаш да го изневериш твојот тим кој има доверба во твоите способности за извршување на задачите.

Совети за менаџирање на време

Одреди си граници.
Сигурно некој си мисли: „Затоа што сум 24/7 дома, можам да работам кога сакам.“ Не, не, не. Не го прави тоа. Не смееш да си дозволиш да го мешаш твоето работно со твоето приватно време.

Или работиш, или не работиш. Трето нема. Тотално е непродуктивно да одговараш на мејлови додека вежбаш по дома.

Имај контрола врз распоредот.
Доколку денот не ти е прописно структуиран, тогаш нема да си поминеш убаво. Затоа, пази си го календарот и ажурирај го редовно, на начин кој ќе ја оптимизира твојата продуктивност.

Часовник за балансирање на навиките за работ од дома
Извор: pexels.com

Оптимизирај ја твојата работна околина.
Некои луѓе сакаат да работат во тотален хаос, со купишта од предмети насекаде, до нив, на нив, под нив и сите останати варијанти (како да прошол ураган во соба), а од друга страна, има луѓе кои сакаат да има биро пред нив, на кое ќе седат само оние предмети кои се потребни за работа.

Целта на ова е да си го уредиш работниот простор на начин кој ќе резултира со зголемување на твојата продуктивност. Вкусови се во прашање, така да, секој со своето.

Разбивачи на митови (издание: работа од дома)

Постојат ликови кои ги „ругаат“ оние што работат од дома. Вакви биле, такви биле, не работеле доволно… Ајде да им докажеме дека не е така.

Мит бр. 1: „Оние кои работат од дома не работат доволно”

Ако физички не ги гледаш луѓето кои работат од дома, тогаш 100% се бескорисни и тотално непродуктивни. Реално, секој работник може да ја запоставува работата доколку менаџментот не ги делегира добро задачите или доколку има крах на комуникацијата, без разлика на локацијата на која се наоѓа работникот.

Доколку точно знам кои ми се одговорностите, до кога треба да ми се готови задачите, и доколку редовно ги известувам мојот тим/моите надредени, тогаш нема теоретска шанса јас да бидам етикетиран како „запоставувач на работата“, без разлика на која локација работам.

Мало интермецо. Никогаш не работи од кревет. Немој да бидеш „couch potato“ како мене, односно во случајов, „bed potato“.

Зошто? Затоа што, доколку редовно работиш од кревет, ќе ја намалиш менталната поврзаност помеѓу спиењето и спалната, а ова ќе резултира со потешко заспивање. Ќе почнеш да се чувствуваш како постојано да си на работа и ќе немаш повеќе каде да се „прибереш“ од работа.

Исто така, доколку користиш електронски уреди пред спиење, ќе ти се намали нивото на мелатонин и ќе ти се наруши квалитетот на спиење.

Мит бр. 2: „Оние кои работат од дома постојано треба да се докажуваат“

Одредени луѓе кои работат од дома имаат потреба константно да докажуваат дека работат. Мислат дека мораат да одговорат на секој можен мејл во рок од две минути, или дека треба да се присутни на секој можен состанок.

Не мислите дека е ова премногу? Наместо да работат, овие луѓе претерано се грижат за тоа како се перцепира работата која ја извршуваат, што на крајот од денот ќе резултира со непотребна анксиозност поради преголемиот притисок кој си го нанесуваат.

Реалноста е дека луѓето кои работат од дома одат на работа како и сите други вработени (минус времето кое е потребно за да се стигне до работното место).

Анксиозност при работа од дома
Извор: pexels.com

Мит бр. 3: „Оние кои работат од дома се достапни 24/7

Супер е да се претпостави дека оние луѓе кои работат од дома можат во секој момент да одговараат на прашања врзани со работа, но во реалноста, воопшто не е супер. Само затоа што работам од дома, не значи дека сум достапен цело време и дека „стојам на закачалка“.

Поради ова, најдобрата пракса е да си одредиш точно кој дел од денот ќе ти биде наменет за работа, исто како што се случува во канцеларија. Немој да се претвориш во зависник од работа.

На сите ни треба одмор од време на време, како и тоа физички да излеземе од просторот во кој работиме. Поделбата помеѓу работниот и приватниот живот е возможна, дури и ако работиш од дома.

Како за крај

Грижи се за себе и #СедиДома. Не е толку лошо како што мислиш. Сега имаш време да ги изгледаш сите филмови и да ги „избинџаш“ сите серии. Имаш време дури и да го пронајдеш својот талент за некое хоби. Можеш да се забавуваш со твоите најблиски (доколку живеат со тебе и доколку држат дистанца од тебе).

Се надеваме дека оваа пандемија ќе заврши наскоро, но за да се случи тоа, мораме и ние да придонесеме со тоа што ќе #СедимеДома.

Има уште многу теми на кои може да зборуваме, но да оставиме нешто и за во иднина 🙂

Заинтересирани сте за соработка со Пиксел?

Побарајте понуда
ПОВРЗАНИ СТАТИИ ВО Социјални мрежи