gore

Social Media трендови s20e19

12-03-2020By Enes Karakash

Social Media трендови s20e19

Да го фатиме последниот воз од првиот месец во годината и да поминеме на брзина низ трендовите кога се социјалните медиуми во прашање кои се очекува да бидат во фокусот во оваа 2019та.

Пред да преминеме на трендовите, мора само да го потврдиме фактот дека социјалните медиуми и сите потканали кои ги нудат истите во последните неколку години станаа целосно развиени комуникациски канали.

Тоа само по себе за брендовите кои ги следат трендовите значи дека тие медиуми стануваат канали на кои мораат да бидат присутни. И тоа не само присутни, туку и постојано да бидат во тренд со новитетите кои сега веќе се појавуваат на дневна основа.

Токму затоа она што се очекува да биде во фокус и да доминира оваа година е од голема важност за сите брендови кои сакаат да останат во чекор со трендовите и да поставуваат нови стандарди.

Она што е присутно во повеќето најави и прогнози за 2019та е:

Враќањето на довербата на корисниците во социјалните медиуми

Еволуцијата на Story форматот

Раскажувањето приказни

Квалитет и креативност на прво место

Инфлуенсери и микро-Инфлуенсери

Пораки, пораки, пораки

1. 2018-та со себе донесе нов, очекуван пораст кога е Facebook во прашање и бројот на корисници на овој медиум на месечно ниво. Бројка која во просек надминува 2 милијарди. Сепак, иако имаме пораст и кај другите социјални медиуми, како на пример Instagram, ситуацијата не е до толку идеална.

Причина се сите случувања во годината која измина, а беа поврзани со приватноста на податоците кои ние како корисници ги оставаме на социјалните медиуми. Во 2018-та се чини дека повеќето корисници почнаа да се грижат за тоа што се случува со нивните лични податоци и дали и како тие можат да бидат злоупотребени од некоја трета страна.

Целиот случај околу Cambridge Analytica ја сруши вербата кај секојдневниот корисник и лаик кога се социјалните медиуми во прашање и покрена низа на прашања за (зло)употребата на личните податоци. GDPR во 2018-та помогна во поставувањето транспарентни политики и ја охрабри транспарентната комуникација помеѓу корисниците и брендовите. Токму за брендовите главна мисија стана градењето доверба кај својата публика, процес кој ќе продолжи и во 2019-та.

2. Почна со Snapchat, продолжи со Instagram, Facebook и WhatsApp, а се тестира дури и од страна на LinkedIn. Стори форматот на објавување содржини расте постојано и според некои анализи тој пораст е за 15 пати побрз во споредба со она што се објавува на самите профили и страници.

Според Hootsuite, Стори форматот доминира со опциите за визуелна комуникација и е наменет за креирање и консумација „на нозе“, а потребни за него ви се само солиден паметен телефон и доза на креативност. Самото тоа што се краткотрајни во својот животен век онлајн ги прави дополнително забавни и зона за експериментирање. Тие делуваат веднаш по нивната објава, искрено и лично.

Она за што самите брендови стануваат свесни е фактот дека иако остануваат неопходни објавите во кои се вложува повреќе време за нивно креирање и осмислување, Стори форматот, иако со свои маани, нуди воспоставување една поинтимна поврзаност со публиката. Нешто што, да се повикаме пак на Hootsuite, прилично добро го спроведоа во дело гиганти како The Guardian и Tictail.

Нормално, овој формат не може да биде идеално решение за дел од брендовите, но според неколку прогнози, објавите во feed полека, но сигурно во 2019-та ќе преминат во втор, па некогаш и во трет план.

3. Инфлуенсерите и подемот на микро-Инфлуенсерите. Во старт, бројките кои дефинираат кој влегува во која категорија од гореспоменатите, како за многу други работи, е различен кога е Македонија и кога е остатокот од светот во прашање. Според некои дефиниции, во светски рамки за Инфлуенсери се сметаат сите кои имаат над 90.000 следбеници на Инстаграм или пак се познати јавни личности кои се уште не ја достигнале таа бројка.

Се’ во регионот од 1.000 до 90.000 следбеници, што не е славна личност, влегува во муабетот за микро-Инфлуенсери. Секако, во Македонија тие бројки се помали, но и ние можеме да се пофалиме со Инфлуенсери кои ги исполнуваат светските стандарди 😉

Е сега, маркетингот направен преку Инфлуенсерите не е ништо ново како тренд, но се чини дека брендовите во последните година дена почнаа посериозно да ги сфаќаат микро-Инфлуенсерите како можност за промоција, пред се’, на Инстаграм. Тренд кој се очекува во засилено темпо да продолжи оваа година.

Една од најинтересните бројки кога е оваа категорија во прашање е таа дека интеракциите со публиката (engagement-от) кај микро-Инфлуенсерите е за дури 60% повисок отколку кај стандардните славни личности. Конверзиите во овој случај исто се повисоки кај микро-Инфлуенсерите, и тоа за 22.2% на месечно ниво.

Тоа значи дека покрај тоа што се поисплатлива опција, микро-Инфлуенсерите стануваат и поефективна опција.

4. Раскажување приказни. Во сржта на социјалните медиуми е концептот за раскажување приказни. Секој бренд кој е присутен сака, на свој начин, да раскаже некоја или повеќе свои приказни и преку тоа да допре до своите обожаватели и публика.

Моментот на приказни не е ексклузивен само за брендовите, затоа што социјалните медиуми ни даваат можност преку различни видови на визуелна комуникација со нашите најблиски да споделуваме некои наши приказни.

Токму затоа што приказната е главен елемент, социјалните медиуми континуирано се прилагодуваат и внесуваат нови начини и алатки за корисниците да раскажат некоја своја приказна.

Лидери на ова поле секако се Instagram, Facebook и Snapchat, кои со своите иновативни потези често го менуваат начинот на кој ние како крајни корисници ја примаме содржината пласирана на социјалните медиуми.

Секако, ова не е ограничено само на корисниците, туку се однесува и на брендовите кои со сите нови алатки добиваат повеќе можности да споделуваат поинтимни, почовечки содржини, притоа доближувајќи се до публиката на поискрен начин.

Со новите алатки раскажувањето приказна од страна на брендовите делува пореално, потопло, но во исто време бара и поголема доза на креативност и отвореност за промена од страна на самите брендови.

5. Квалитетот на прво место. Тренд кој се провлекува изминативе година-две секако е тој за намалување на квантитет и фреквенција на објави на социјалните медиуми на сметка на квалитетот и приказната која сака да се раскаже со него.

Погрешната реакција на маркетерите веднаш штом се појави некој нов тренд да ги преплават своите главни канали за комуникација со истиот со цел да изгледаат „тренди“ често се покажува како погрешна со негативни реакции од страна на публиката и постојано го подига прагот за содржина која ќе го задржи вниманието, ќе ги натера на интеракција и во исто време ќе ја зголеми довербата во брендот кај корисникот.

Маркетерите кои сакаат да го достигнат и надминат тој праг мора да бидат подготвени на постојана еволуција и вложување екстра труд во креирањето на уникатна содржина. Крајна цел е креирањето препознатливост на искрен и креативен начин.

Помалку, но добро осмислени и позиционирани објави ќе имаат подобар резултат отколку да се објавуваат голем број на различни содржини кои во својата основа не се креативни и од публиката перцепирани како „плитки“ и неинтересни.

6. Пораки, пораки, пораки. Како ви звучи бројката од 5 милијарди корисници на месечно ниво кои користат некоја (или неколку) апликации за текстуална (и визуелна) комуникација според Internet Trends Report from Mary Meeker.

Дополнителни, последното истражување за 2018-та –  Reuters Institute Digital News Report вели дека повеќе од една половина од тинејџерите присутни онлајн поминуваат најмалку три часа на тие апликации.

Според истражување пак спроведено од страна на Twilio, девет од десет испитаници се изјасниле дека би сакале да употребуваат ваков тип на апликации за комуникација со брендови, како и дека ваков тип на комуникација им дава повеќе доверба во самиот бренд.

Тука, покрај самите апликации влегуваат и сите можности кои тие ги нудат, а кои се чини дека се збогатуваат од ден за ден.

Секако, овие 6 трендови се само мал дел од она што се очекува да доминира и на свој начин да се истакне во текот на оваа година. Но за тоа во некоја следна прилика.

Користени материјали од: AdweekHootsuite и Entrepreneur.

Заинтересирани сте за соработка со Пиксел?

Побарајте понуда
ПОВРЗАНИ СТАТИИ ВО Социјални мрежи